Не се сеќавам што точно гледав на Летните олимписки игри во Париз 2024. Можеби тенис или ватерполо. Твитер (Х) вриеше со коментари од поранешниот Југословенски простор. Тие кои што се обидуваа да ја смират дискусијата на меѓусебни навреди споделуваа цитат од Мирослав Крлежа:
„Hrvati i Srbi su isti komad kravlje balege koje je točak istorije presekao po pola”.
Овој цитат стои видно на написот на Би-Би-Си за Крлежа. Сепак, референца за тоа од каде потекнува оваа реченица, од кој есеј, говор или книга нема на Би-Би-Си.
Исто така овој цитат многу потсетува на еден дел од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски:
„А некогаш, во старо време, сите сме биле едно исто гомно, иста лепешка. Ама поминала некоја кола и со колцата ја пресекла лепешката надве, па поминала друга кола и пак ја пресекла лепешката. И така, врвеле коли и ја испресекле лепешката и ние од една лепешка сме станале многу лепешки, многу гомна… Сите ги видов овдека и сите исто смрдиме.“
Па, си помислив, дали е ова некаков литературен наклон од Андреевски кон Крлежа, или пак нешто што постхумно му се прикачило на Крлежа поради неговиот статус во Југославија, а во контекст на крвавиот распад на земјата, а сепак, оринално e на Андреевски, или пак некој пример на пред-интернетски attribution decay (види слика, не линкам),
каде двајцата копираат од трет заеднички извор кој повеќе не е познат?
Ова ми личеше на мала литерературна мистерија што во времето на интернет би требало лесно да се разреши. Па така пробав да дојдам до нешто плус.
Пред сѐ уште во август 2024 пишав на редакцијата на Би-Би-Си со прашање дали имаат извор за цитатот што така видно фигурира на нивниот напис. Одговор до сега не добив.
Потоа тргнав по друг пат.
За контекст, „Пиреј“ е прв пат издаден во 1980 г., додека Крлежа починал во 1981 г. Ми се чини дека првиот превод на „Пиреј“ објавен во Хрватска е во 1983 г. преведен од страна на Борислав Павловски. Па, видов-не видов, му пишав и нему со надеж дека можеби ќе фрли светло на оваа мистерија, но одговор исто така не добив.
Конечно се обратив и на (најчесто) сезнајниот reddit 1, 2, но и тука не најдов ништо посебно што би ја расветлило оваа мала мистерија.
Ете. Ако го читате овој текст и можеби знаете нешто повеќе за овој цитат, пишете.