Член 17 од ЗСК останува на сила

Новица

2019/03/19

Членот 17 од Законот за следење на комуникациите предивидува дека следењето на комуникациите може да се спроведува без посредство на Оперативно-техничката агенција со технички уреди кои што се чуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Уредите кои што се на располагање, а за кои знаеме благодарение на медиумско-научни извештаи се IMSI Catcher уреди и (најверојатно) Fin Fisher.

Уставноит суд на Р. Северна Македонија во долго (речиси 30 страници заедно со издвоеното миселење) решение утврдил дека овој член не е спротивен на Уставот и на Европската конвенција за човекови права.

Во врска со клучната точка дека овие технологии ги заобиколуваат ограничувањата и проверките на ОТА и како последица на тоа може да доведат до таргетирање на граѓани кои не се предмет на следење со судски налог, судот мисли дека:

Што се однесува до наводот од иницијативата дека со спроведување на посебната истражна мерка за којашто се користат посебни технички уреди и опрема можат да бидат таргетирани неопределен број на граѓани без постоење на законски основ, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што предмет на следење на комуникациите со посебни технички уреди и опрема е лице за кое постои основано сомнение дека е сторител или се подготвува да стори кривично дело за кое може да се пропише посебна истражна мерка согласно Законот за кривичната постапка, при што содржината на комуникацијата на тоа лице со друго лице или лица не може да биде земена како доказ во постапката доколку тие не се во врска со основаното сомнение за сторено кривично дело или за подготвување на кривично дело.

Мене ми се чини дека судот целосно ја утнал поентата. Не станува збор збор за тоа дали следењето на лица не може да биде земено како доказ во постапката доколку тие не се во врска со основаното сомнение за сторено кривично дело или за подготвување на кривично дело, туку за тоа дека следењето им ја нарушува приватноста гарантирана со уставот и ЕКЧП.

Исто така ми се чини дека можеби судот недоволно добро ја разбрал улогата и функционирањето на овие технички уреди (барем оние за кои знаеме). IMSI catcher на пример е уред кој кога би го споредиле со пред-дигиталното доба би значело лажно сандаче за пошта да биде ставено на вашата улица и власта, додека се обидува да го најде писмото од оној што го следи, да ги прочита сите писма што ги стават жителите во него мислејќи дека праќаат пошта.

Но, исто така ми се чини дека оваа одлука на судот е во согласност со толкувањата што ги даваат разните влади низ светот во однос на користењето на вакви технологии, и веројатно ќе треба да почекаме Европскиот суд за човекови права да се произнесе за употребата на вакви интрузивни технологии.

До тогаш, останува да им веруваме во владата дека овие технологии не се злоупотребуваат.

Со среќа.