општество

Скопје2014

I. Зошто е важно?

Кога министерката за култура ќе рече дека „Бранко Црвенковски во својата 20-годишна политичка кариера не изгради апсолутно ништо во Македонија и зачудува од каде тој се доживува како авторитет кој може да коментира дали е нешто кич или не.“, таму ќе видите слабо формулирана политичка изјава, и тоа поради неколку причини.

Очигледното е: зошто би очекувале некој кој не е стручен во архитектура и уметност воопшто да го дожувуваме како авторитет? Се разбира не очекуваме. Но, би очекувале сепак да се земат предвид мислењата на стучните лица, а токму за нив Владата е глува. Но, можеби во Владата сметаат дека само тие што „градат“ се авторитети?!?

И ако е така, и ако Бранко Црвенковски воопшто нема никаков кредибилитет бидејќи тој „не изгради апсолутно ништо“, тогаш во ова има повеќе вистина одошто може да изгледа на прв поглед, бидејќи навистина Црвенковски не „изгради“ ништо: ниту независно судство, ниту квалитетно образование, ниту Вашето омилено што недостасува од јавниот сектор. Но, ваквото „градење“ всушност го руши кредибилитетот на сите политичари во последните 20 години во Македонија, бидејќи никој ништо нема изградено.

Третото е буквалното читање на изјавата, дека Црвенковски не изградил ништо од бетон и стакло. И ова можеби е најмалиот негов грев. Од каде па потребата Владата да гради нешто повеќе од патишта во капитализам и парламентарна демократија? Чинам, големите градења на разно-разни објекти беа симбол на комунистичките (но и другите авторитарни системи)?

И поради последново, Скопје 2014 е важно. Важно е затоа што и покрај сите спорни активности на Владите до сега, било тоа биле ТАТ и Микрософт, ОКТА и Телеком, или нешто трето, Скопје2014 единствено ќе остави траен белег во Македонија. Тоа ќе ги погоди сите граѓани без разлика дали живеат во Скопје или доаѓат во главниот град повремено, без разлика дали се млекари и ги извисил Сведмилк, или се лозари и ги извисил Тиквеш.

А знаејќи го досегашниот „успех“ на политичарите (и тоа не само македонските), на едно нешто може да сметаме: парите секогаш се тука некаде во врвот на приоритетите. И највозвишените идеи за градење на државите и пумпање на идентитетот криеле дебели туциња пари.

II. Зошто не ми е гајле?

Лани во ноември имав здравствен проблем кој бараше трчање на дежурен лекар. Кога стигнав, ми рекоа дека не може да ме снимат бидејќи апаратот не работел. Гоце може ќе ми замери, но тоа што следеше беше трчање по луѓе и вртење телефони за да стигнам на снимање пред тие што закажале во септември, но што може човек да прави во таква сутиација? Моралните дилеми на страна, она што главно ме загрижува е зошто сум воопшто во таква сутиација кога и јас и моите родители редовно цел работен век плаќаме придонеси?

Но, можеби тоа било моја лоша среќа и реформите во здравството навистина ќе донесат подобри услуги за сите? Да се потсетам тогаш на патешествието постдиплмоски студии. Последното пријавување ме соочи со тоа дека македонските судски и нотарски печати не се признаваат во странство. А зошто? Зошто дипломата што ја издава македонскиот водечки универзитет, факултетот што е во водечките 1000 бизнис школи во светот не вреди ни колку празен лист од книжарница надвор од границите на РМ? (Некој со право ќе рече дека истава диплома често не вреди ништо ни во РМ, бидејќи партиските книшки се подобра референца).

На крај, тука се решенијата за извршување за радиодифузна и комунална такса што ги пратија МРТ и Градот. Правна сигурност некој ќе рече? Џабе правобранителот вели дека МРТ греши кога извршителите ги љуштат парите директно од банкарска сметка. Слично е и со застарените комуналните такси од градот што пред 10 дена блокираа илјадници фирми. А банките, верните чувари на пари, наместо да ги заштитат своите клиенти сепак се одлучија да подлегнат под уште еден политички притисок, често одбивајќи воопшто да дадат информација за тоа кај отидоа париве од жиро-сметката.

Па зошто да ми биде гајле дали на плоштадот ќе има еден или десет коња кога ништо друго не функционира? Каков план можам да правам за иднината?

Да ја оправувам работата во државата немам ниту намера ниту желба. Ми останува само да бегам. Ако не успеам, тогаш ќе го гледам Скопје во 2014 и ќе тонам во просечност.

Патувачки белешки за политика и општество

Ја читам Honeymoon With My Brother. Книгата е така-така. Кога веќе стигнав до 203-та страна, ќе ја дочитам. Но од таму, да споделам неколку мисли од авторот, кој инаку е поранешен портпарол на сенатори и гувернери во САД, па би се рекло се разбира нешто во политика.

Еве.

На двете сликички, мој фаворит е точката 4.

Важни прашања

Додека целата јавност се насочи кон прашањето кој бил најпрв дојден овде на Балканот и кој во чија енциклопедија како се одредувал, Собранието на Републиката го изгласало Законот за криминалистичко-разузнавачка база на податоци (Сл. весник 120 од септември 2009).

Го ѕирнав законот. Не сум стручен, но излгеда како да ќе прибираат разни податоци за граѓаните. На некои места дури се споменува чување на податоци за жртвите на криминалните дела. Би се кладел во матичнот број дека ова е некако поважно прашање од тоа за енциклопедијата. Но, нашата општа неинформираност, незаинтересираност и неспособност критички да се мисли фино се вклопува во сликата.

Патем, од Законот на интернет можам да најдам некоја полумртва врска на страницата на МВР.

Затворено општество

Денес поминав пред МАНУ и видов дека на големо се гради ограда.

МАНУ 1

МАНУ 2

Се гради убава ограда. Од бетон.

Поминав два пати покрај објектот (на патот за суд и назад) и ми текна дека оградувањето на јавни објекти веќе не е којзнае каква новост во Македонија.

Собрание од Википедија

Соборен храм од Википедија

Има ли подобар симбол на затвореноста на општеството од вака заградените општествени / јавни згради?

Погледи кон славните времиња

Отсекогаш ми се допаѓало тоа што разни држави си ја преземале славата за спасот на Европа од Отоманската империја.

Се разбира сѐ почнува со Австријците и виенската битка. Таму каде што паднале Турците наводно завршувала Европа, сѐ јужно е ориентот... ама не баш, бидејќи Словенците и Хрватите се бореле на страната на Австро-Унгарија и тоа во првите борбени редови (сигурно нешто како операцијта црнците напред во СаутПарк)... и така секој со своја приказна до долу до Македонија. Всушност македонците биле најзаслужни за сопирањето на царските војски, дека биле бељаџии и не ги оставале раат. Па војската морала да се мачи со тукашните побуненици наместо одлучно да напредува кон север.

Нема ништо посебно и во оваа некоја желба за прославување на минатото кога веќе славиме сѐ и сешто, ама она што ми падна во очи е следново:

Ако инсистираме на европската традиција и посебно на нејзиното заштитување од влијанието од исток, а знаеме дека во коренот на таа традиција европејците пред се ја гледаат античка Грција, тогаш како по ѓаволите истовремено инсистираме на тоа дека антиката на овие простори не била баш грчка? (Забелешка за потенцијалните тролови на блогов: не велам дека ова горе е вистината, само ги наведувам различните гледишта.)

Ми се чини дека дел од западниот свет на кој сакаме да му припаѓаме е и мислењето дека Словените дошле од зад Карпатите. Не знам, можеби некои руски научници кои често се цитирани по форумиве, се во право и не е баш така преселбата на овие народи, ама пак тука го гледам ова жонглирање со едно топче повеќе.

Не знам дали има пример некоја држава да се приклучи во одреден свет, без притоа да ги прифати неговите гледишта. Можеме ли ние да бидеме дел од западот, а да не ги прифатиме неговите доминантни гледишта?

Во неправна држава живеат послушни и сервилни граѓани

На првомајскиот протест недостасуваа само граѓани.

Се осмелувам да речам дека фактот што во Македонија воглавно не се почитуваат законите е главната причина зошто ниедно граѓанско организирање за или против било што однапред е осудено на пропаст.

Причините за ова произлегуваат од следново: имате граѓани, компани и влада кои во различни случаи или ситуации не ги почитуваат законите. Тоа создава совршен простор за притисок и уцена од страна на силите кои сакаат да го контролираат општеството. Сакате да протестирате? Веднаш се наоѓа некој да ви каже дека на пример, тракторот не ви е регистриран. Можеби не сте ја поднеле годишната даночна пријава, или во вашата команија сте заборавиле да ја проверите исправноста на противпожарните апарати и ете шанса да добиете предупредување за послушност. А, ако некогаш треба да се прави гужва за некоја цел на оние кои ги знаат вашите законски грешки, лесно може да ве натераат да правите нешто за тие да погледнат на другата страна.

Не знам дали ваквата ситуација во општеството има свој назив во теоријата, ама прилично сум убеден дека во нејзиното создавање активно придонесувале сите досегашни влади на Р. Македонија.

Исто така прилично сум сигурен дека добар начин да се надмине оваа стуација е секој за себе да ги елиминира можните закачки што се создаваат на ваквиот начин. Тогаш, ми се чини, нема да биде толку страшно секој јавно го искажува своето мислење.

Протестот не им припаѓа на политичарите!

Фрчкоски, Костовски, Милчин и другите македонски ѕвезди што денес присуствуваа на плоштад би требало да се засрамат и да се извинат за тоа што го узурпираа медиумскиот простор и се наредија да се сликаат. Новинарите би требало да се засрамат што им придадоа значење.

Но, бидејќи малку е веројатно дека било што од ова ќе се случи, останува на нас да пратиме јасна и недвосмислена порака на сите нив, дека за нив, на овие настани, има место само како обични граѓани и ништо повеќе.

Мислам дека е доста од вакви профитери. Доста е. Коге веќе не правите добро, барем не правете штета.

Зошто ми пречи концертот што ќе биде по протестот утре?

Во една реченица:

Затоа што го релативизира целиот настан.

Протестот трае значително помалку од журката по него. Пораката што ја испраќа е дека сакаме само да постоиме на плоштад и потоа ќе одиме да се забавуваме. Го дише балонот, бидејќи слободата тешко ќе ја одбраниме со еден час поминат на плоштад. Објаснувањата дека музиката, овде кај нас, е некако важна во целата приказна се наивни. Постои шанса ваквиот распоред на настани да ги отуѓи граѓаните кои чувствуваат дека нивните права се загрозени, но не се дел организаторско-музичката сцена. Сѐ на сѐ сликата што ја добивам е дека ова ќе биде само една забава која се шлепа на некоја идеја за слобода што можеби ја има, а можеби и ја нема.

Толку.

Ретроградниот развој на Скопје

По текстовите на Крстева и Вилиќ, уште еден интересен текст кој многу прецизно ги открива пораките на новото градење во Скопје. Тексто во целост е објавен на блогот Скопје2803, блог на македонски и странски архитекти кои го следат настанот од плоштадот од повеќе различни аспекти.

Текстот е на архитектот Блаж Крижник и антропологот Горан Јанев. (PDF тука.)

Накратко, она штого објаснуваат овие двајца е дека Скопје се трансформира од отворен град во национален главен град, што е спроти моменталните тежнеења на големите градови и што е прилично зад времето, а дека истот се прави од позиција на политичка моќ.

Можеби сликата што е ставена како илустрација најдобро го објаснува ова ова:
Скопје - поранешен отворен град

Скопје се враќа назад во 19 и ран 20 век, кога сите други важни градови одат напред. Ако по земјотресот бил пред времето, сега ќе биде зад времето, а се чини дека мнозинството скопјани се океј со ваквиот развој на настаните.

Па покрај Поранешна Југословенска Република Македонија сега ќе имаме и Поранешен отворен град Скопје.

Слобода!

Слобода #5

Оставете и вие цвеќе утре!

Агрегирање содржина