За мене и некои работи поврзани со блогов, Интернет, слободниот софтвер и сл.

(Забелешка: Ова е неформално резиме. Ако сакате мое CV, можете да ми пишете е-пошта или да проверите на LinkedIn.)

Кратка биографија

Моето име е Новица Наков. Средно училиште завршив во ДСУ „Раде Јовчевски - Корчагин“ во 1999 година, а подоцна дипломирав економија на УКИМ во Скопје. Во 2006 година имав кратка авантура на Факултетот на драмски уметности, каде што еден семестар слушав предавања на катедрата по драматургија. Во 2008 се пријавив за постдипломски студии во Шведска, но не добив стипендија, па така останав да блогирам од Скопје.

Работам во приватна компанија во Скопје, која што не се занимава со компјутери или каква и да е друга технологија. Пред тоа работев по договор на дело на студентски прашања на Филозовски факултет.

Во 2007 година конечно научив да пливам, а во 2008 бев на скијање за прв пат по 10 години.

Интернет биографија

Во 2001 година бев еден од основачите на интернет страницата Опасна багра, која израсна од македонски usenet групи.

Во пред-блог ерата на македонскиот интернет се прославив со текстот за договорот кој Владата на Р. Македонија го потпиша со корпорацијата Мајкрософт.

Бидејќи пишувањето ми лежи, во изминатиов период имам напишано многу текстови на различни теми кои живеат на различни места на Интернет. Некои од нив се достапни и на овој блог

Во меѓувреме, започнав уште два блога.

Едниот е за македоснкото филмско секојдневие: http://kino-teka.blogspot.com/. Ова беше интересен потфат што привлече доволно внимание во изминатиот период. Тимот кој работеше на блогот и другите места (Твитер, Фејсбук) за една година порасна од 1 на 4 луѓе. Покрај мене на ова работеа Миша Поповиќ, Андријана Папиќ и Катерина Сотирова. Од јануари 2009 сите блогот и сите сметки им ги предадовме на луѓе кои работат во Кинотеката. Она што ми е мило е што пишувајќи за филмови, направивме голем придонес во филмските содржини на Википедија на македонски. Патем, на Википедија пишувам и други работи. Повеќе за тоа на страницата за разговор на мк.Википедија..

Другиот е блогот за Скопје: http://gradotskopje.blogspot.com/. Не сум сигурен што ќе правам со ова и каква ќе биде иднината на тоа место.

Покрај овие, пишувам и на уште неколку други блогови кои се поврзани со слободниот софтвер и слободната култура: http://spodeliznaenje.blogspot.com/, http://olpc.blog.com.mk/ и http://spodelikino.blog.com.mk/, а некои мои текстови се имаат појавено во списанија како Гнузила и Ентер

Почнав да блогирам во јуни 2004 година, на старото место кое не е достапно од април 2009. Некои зачувани страници има на Wayback Machine.

Музика, филм, хактивизам

Дел сум од ад-хок групата „СпинМонстер“, која, меѓу другото, стои зад производството на филмчето „Танцува со мечките“.

Во септември 2008, заедно со Игор Стаматовски, го направивме подкастот за Голема работа - радио емисија на Канал 103.

Речиси истовремено, и малиот музички проект насловен the airborne monster (или скратено tam! tam!), што е соработка помеѓу мене и Гоце Митевски се појави на Интернет.

Слободен софтвер, слободна култура, авторски права и новата економија

Во студентските денови се запознав со GNU/Linux и слободниот софтвер. Она што ме зафати како некоја идеолошка приказна за слободата, подоцна прерасна во интерес за тоа како технологијата влијае на општеството и економијата и какво е влијанието на законите, посебно на оние за авторски права, над секојдневните активности на луѓето во поврзаниот свет.

Повеќето од овие прашања организирано се третираат во непрофитната организација Слободен софтвер Македонија. Член сум на организацијата од нејзиното основање, а од септември 2005 до јануари 2009 служев како претседател на организацијата. Некои информации за мене има и на страниците за членовите на организацијата.

Проекти

Под овој прилично неодреден наслов, ќе ги набројам сите активности кои во новово време можат да се означат како „проект“, а на кои сум работел или сѐ уште работам.

На Интернет и со компјутер, скоро шест години (од август 2003 до април 2009) работев на локализација на производите на Мозила. По шест години си реков дека е време за нов предизвик, па локализацијата ја оставам на други ентузијасти. За повеќе детали во врска со овој проект, што вклучува локализација на Firefox, Thunderbird, Sunbird и други поврзани прашања, видете го блогот посветен на тоа: http://mozilla.blog.com.mk/.

Исто така, прилично долго време (некаде од верзија 0.6 или 0.7, не знам која година беа тие) работев и на преводот на клиентот за брзи пораки Psi. На блогов има една мала страница за тоа. Овој софтвер беше последниот во кој придонесував со преведување. Последната верзија на Psi која ја преведов беше 0.13 од јуни 2009 година.

Во изминатиот период придонесував во локализацијата и на друг слободен софтвер, како OpenOffice.org, KDE, Drupal, MoinMoin, Debian и други.

Од непреведувачките активности, поврзани со слободен софтвер и слободна култура, водечко место има иницијативата „Сподели“, што ја започавме во Слободен софтвер Македонија и во која активно придонесувам од 2006 година до денес.

Во август 2007 започнав со работа на документарен филм за прашањата за авторските права во Македонија. На проектот работам заедно со Фросина Наумовска. Филмот до сега, април 2009, требаше да биде готов, но поради повеќе проблеми сѐ уште сме пред почетокот. По скоро 2 години, ми се чини дека нема да излезе ништо од овој проект. Беше забавно додека го правевме.

Во рамките на втората по ред конференција Glocal, заедно со Марија Костовска работев на едно мало истражување за Web 2.0 и можностите за вработување во Македонија. Повеќе за тоа можете да прочитате овде.

Зошто airborne?

Во случај некој посетител да се запраша зошто ова место го носи името airborne, има очигледна причина: ми се допаѓа тој збор. :)

Но, има и уште нешто. Описот на овој збор на Wiktionary е in or carried by the air. И тоа е горе-доле начинот како јас го доживувам Интернет и протокот на информации низ него.

Drupal

Овој блог работи на Drupal. Миграцијата ја завршив во септември 2008 година.

Агрегирање содржина